Омаловажувањето на автокефалноста на Македонската православна црква-Охридска архиепископија

Томосот за автокефалност на Македонската православна црква-Охридска архиепископија на многумина во оваа држава им ги расипа плановите. Разумната братска постапка на архијереите од Српската православна црква и на неговата светост, патријархот г.г. Порфириј, им дојде некако неочекувано и ненадејно, како гром од ведро небо. Невообичаено им беше два балкански православни народи да ги напуштат конфронтацијата и политичките притисоци и да се согласат да живеат во мир и со почит едни покрај други, како браќа и добронамерни соседи. Тоа како да не им беше предвидено во нивните „длабоки“ анализи и „непогрешливи“ планови и пресметки.

Наеднаш, без никаква претходна најава, им пропаднаа целиот долгогодишен труд и напор. Откако исчезнаа сета пизма и конфронтација, која честопати е вообичаена за нашето поднебје, им се срушија основите на нивните пеколни и лицемерни намери во однос на конечното решавање на македонското национално и црковно прашање, кое за нас Македонците според нив треба и мора да биде губитничко.

Ете, МПЦ-ОА доби целосна автокефалност, без никакви услови и пазарења, без никакви притисоци, отстапки и скриени затезни камати, кои треба да дојдат на наплата во поблиска или подалечна иднина. Македонскиот народ, по долги години на негирања и понижувања, најпосле оствари една важна победа во борбата за зачувување на својот идентитет и на својата славна духовна историја. Сето тоа го остваривме со сопствени сили, со долгогодишна самопрегорна работа на нивата Господова, со цврста волја и огромно молитвено трпение на македонскиот народ и свештенство.
Е, сега, токму поради оваа благородна христијанска постапка меѓу Македонската и Српската православна црква се возбудија духовите на многумина приучени и неграмотни величини.

Мнозина лицемерни и самонаречени „експерти“ мораа да го правдаат својот неуспех пред своите белосветски спонзори, чија идеја беше целосно и етапно ништење на Македонците, прво на државно и национално ниво, а потоа и на духовно. Затоа, како прв удар кон од нив неодобрениот успех го измислија т.н. „руско влијание“ и потоа едновремено ја наметнаа и тезата за „првоврховноста на Цариград“. Нивната логика е следна: Како тоа овие „балкански дивјаци“ без прашање и одобрение ќе решаваат конфликти и поделби во кои се вложени огромен труд и парични средства? Мора да се поработи на раздорот, мора во корен да се засече нормалноста.

Прво, во Македонската православна црква-Охридска архиепископија не постои некакво „руско влијание“, како што тие си го замислуваат тоа. Ние не негираме дека некои Руси се наши учители во духовноста, еднакво како што се и некои Грци. Но, за нивните сфаќања грчкото влијание е политички подобно, за разлика од руското, кое е издигнато на ниво на бласфемија.

За нас македонските христијани неодминливи за нашето воспитание се Св. Серафим Сарофски, протојереј Георгиј Флоровски, Св. Јован Шангајски, Старецот Софрониј Сахаров, еднакво како и Св. Нектариј Егински, Св. Јован Златоуст, Св. Василиј Велики. Еднакво црпиме искуства и од современите руски отци и богослови, како и од грчките. Немаме проблем да ги читаме, да ги преведуваме и да ги земаме како добар и корисен пример во нашиот духовен живот.

Со длабока тага гледаме на катастрофата во братска Украина, во која до крв се судрија два православни народа, од чиј епилог на крајот полза ќе има само лакомиот сатански корпоративен либерализам, кој е подготвен да гази и низ трупови само да се добере до владение на обилните украински и руски ресурси. Не фаќаме страна, не паѓаме на нивните евтини пропагандни трикови, па јавно да го забраниме Рахманинов, Чајковски и Достоевски, а истовремено со Русија да тргуваме со ураниум и ретки метали што треба да ги наполнат и оформат нивните разорни „демократски“ бомби.

Посетата на некој руски великодостојник на Македонија не значи дека сме ја предале западната цивилизација или дека сме потпаднале под директно влијание на Кремљ, кој, за волја на вистината, воопшто и не се потруди да ни помогне во долгогодишната нерамна борба за зачувување на нашето вековно македонско име. Парадоксално, но невидливо за очите на овие „експерти“, руско влијание има многу повеќе во Грција отколку во Македонија.

Таму има многу повеќе руски инвестиции и многу повеќе се присутни руските духовници, отколку кај нас. Но, за нив тоа не е проблем, тоа си е одобрено, проблемот е ако некој обичен руски свештеник дојде во посета на Охрид, или биде примен од архиепископот. Тогаш на цел глас се удира и разгласува: Еве, руско влијание, готово, станавме Белорусија! Ова е тој припрост провинцијалски дух што владее со нашите самонаречени „експерти“, чија основна карактеристика им е сервилноста кон „силните“. Најстрашно е што тие ова си го сметаат за најголема мудрост и доблест.
Втората работа, која сакаат да ни ја протнат на мала врата, е дека Македонската православна црква-Охридска архиепископија нема целосна, туку делумна автокефалност, бидејќи единствено Цариград давал целосна автокефалија и осамостојување.

Е, ова е апсолутно неточно, бидејќи нема никакви канонски основи. Еве, нека ми докажат со канон дека не сум во право. Цариград нема право да одлучува од името на сите помесни цркви, туку одговара единствено за својот Диптих на црквите што таа ги смета за автокефални. Во нивниот Диптих, како што стојат сега работите, единствено можеме да бидеме впишани обезличени, како „Црквата од Охрид“, или во најдобар случај како „Охридска архиепископија“.

Но „Црквата од Охрид“ нема никаква врска со нашата црковна и историска реалност, башка што тоа е понижувачки за нас. Според „експертите“, ова ни било единствената шанса, која требало што побрзо да ја искористиме додека не заминала. Ова е истата манипулација што ни се сервираше со години во однос на државното име. Сите ние знаеме дека оваа „грчка шанса“ нема да си замине така лесно, бидејќи е максималистичка византиска ујдурма. Но, „експертите“ и „старците“ посветено ни ја туркаат под нос, зашто знаат дека сега се лови во матно, сега народот е во нокдаун.

Како ќе си оди времето, народот сè повеќе ќе се освестува, а тоа ним и на нивната идеја никако не им е во полза. „Црквата од Охрид“ не ги затвора проблемите, туку ги отвора и комплицира. Овој „најдобар предлог од сите предлози“ во секое време можеме да го прифатиме. Доволно е да се најде еден недоветен и недоделкан што ќе се залета да го бакне пенкалото. За ова не ти треба многу знаење и политичка умешност. Доволна е само длабока заблуденост и нереална амбиција и ете ти неволја и ѓубре, кое не може да биде сметено од наредните три генерации. Не знам како сè уште не ни доаѓа паметот. Видовме што ни донесе промената на името.

Видовме како исчезнаа сите ветувања. Каде е сега Македонија по поминати шест години од насилното и недемократски спроведеното менување на името? Ете, си останаа сите уцени и блокади, а се зголемија апетитите на Бугарија, која сфати и си пресмета со какви слабаци си има работа. На крајот на краиштата, видовме колку се соблазни народот, каква колективна депресија предизвика сето тоа, во каков хаос, криминал и безредие го втурнавме општеството. Едно нека ни биде јасно, Цариград не е на Истокот она што е папата на Западот.

Никаде во каноните не е категорично кажано и наведено дека тие се „все и всја“, дека тие имаат ексклузивно право за давање автокефалност. Ова им е дамнешна желба и настроение. Ги имало неброено при борбата за превласт меѓу Рим и Цариград, ги имало и за време на Свети Кирил и Методиј, но и во поново време, кога оваа идеја е воскресната од страна на цариградскиот патријарх Мелетиј Метаксакис, кој го искористил времето на советскиот прогон за да зададе силен удар на негрчките цркви. Тогаш источните цркви имале поголем проблем отколку да се занимаваат со папизмот на Цариград.

Тие морале да преживеат, а Цариград ловел во матно, па си ги искористил слабоста и непротивењето и си создал состојба што денес си ја нарекува „пракса и традиција“. Во каноните на Светата православна црква, на Цариград му се дава единствено предимство по чест, но никако по власт. И тука сè завршува. Никој и никогаш не им дал право на конечно одлучување за автокефалноста на секоја црква во светот. Ваквата нивна „пракса и традиција“ нема никаква врска со Христовото Евангелие, со праксата и традицијата на апостолите, кои се воздржувале да градат врз туѓи темели (Рим. 15, 20). Ова добро го знаеле отците од минатото и затоа биле строго резервирани во дефинирањето на првенството на Цариград.

Во Светите канони, на Цариград му е дадено предимство само поради една причина, а тоа е дека тие се „Новиот Рим“, дека во него столува и престојува самиот благоверен цар и неговата влада. Но, денес реалноста е поинаква. Денес во Цариград нема цар, нема ниту влада што го штити православието, а од „Новиот Рим“ се останати само разурнати ѕидини околу „Аја Софија“ и понекоја илузија. Оваа канонска одредница денес се користи само по потреба, само за остварување некакви минливи овоземни материјални придобивки, а никако за некаква црковна или духовна цел.

Кои се карактеристиките за една црква да биде сметана за автокефална, тоа се разбира се правата вера и втемеленоста врз светоотечкото предание, можноста сама да се возглавува и управува, самата да избира свои епископи и свој поглавар, самата да вари миро и да одлучува за своите внатрешни прашања, да ја шири мисијата и да формира нови црковни заедници.

Се разбира, автокефалната црква сослужува и е во добри односи со сите помесни православни цркви и врз себе нема никакви канонски забрани и ограничувања. Ние ги имаме сите овие карактеристики, но не сме запишани во Диптихот на Цариград, кој тие помпезно, но неосновано го нарекуваат единствен валиден томос во православниот свет. А што ако томосот на Цариград не е во согласност со Диптихот на Москва, Ерусалим или Букурешт, како што сега го имаме примерот со новопризнаената црква во Украина. Ние како МПЦ-ОА сослужуваме со сите помесни цркви, но не сме впишани во Диптихот на Цариград, а новопризнаената Украинска црква е впишана во Диптихот на Цариград, но не сослужува со сите, па кој во моментов е поавтокефален, ние или тие? Како на ова гледаат „старците“ и „експертите“?

Еве, заслужуваме поука ние незнајковците.
Нашата Света црква има една глава, а тоа е Христос. Не може да постои земски центар околу кој ќе гравитираат сите цркви и кому ќе му бидат потчинети. Таков западен дуализам не постои на Истокот, од проста причина што е ерес, односно накарадна духовност. Римокатоличкиот Рим насекаде се фали со гробот на Св. Апостол Петар, а Цариград, пак, со гробовите на византиските императори. И едните и другите го забораваат Ерусалим, каде што Христос воскресна, каде што е одржан Првиот Апостолски собор. Ерусалим помалку ли е вселенски од нив?

Св. Апостол Јаков, како прв епископ на Ерусалимската црква, помалку ли е значаен од Св. Апостол Петар или од некој византиски император? Кој апостол ја формираше Црквата во Цариград? Ако на римокатолицизмот му е својствено да владее од врвот на пирамидата и сосема му е туѓ поимот за автокефалноста, тогаш што да правиме со овие нашиве папоцезаристи, како да им кажеме дека се во заблуда? Оваа грешна помисла никако не смее да стане дел од праксата, не смее да се премолчи, оти ќе се претвори во утврдена и вообичаена традиција. Тогаш на Истокот ќе го зацариме папизмот.

Цариград треба да го реши својот проблем со национализмот и високото мислење за себеси. Истокот излезе од комунистичките стеги и сега неговите цркви растат и се развиваат во мисијата дури и подобро од грчките. Еден ден ќе го постават прашањето: Зошто се поставуваат поглавари исклучиво по потекло Грци во Цариград, Ерусалим, Александрија и Антиохија?

Што, помалку ли се вредни православните Арапи, кои повеќе од две третини ги чинат православните заедници во тамошните цркви? Еден ден, покрај национализмот, на дневен ред ќе дојде и расизмот. Од каде им е замислата дека тие треба да ја владеат сечија дијаспора. Не постои канон за такво нешто, нема оправдување за суетата, гордоста и желбата за власт. Цариград е продолжена рака на грчката политика. Тој, денес, наместо „Нов Рим“,повеќе е „Политичка Атина“, која преку византиски игри диктира влијание на православниот Исток. Тие секогаш и во сите времиња се блиски до ќесарот. Така е и сега.

Сетете се под чие влијание е укината Охридската архиепископија. Тоа сигурно не била идеја на султанот, кој традиционално имал беневолентен однос кон христијанските прашања во Отоманската Империја. Ние немаме проблем со Грците, напротив, Грците имаат проблем со сè што е македонско, а не е со грчки предзнак и основа. Ова е нивно искушение, нивен националистички став, кој тешко ќе го променат. Ако тие не сакаат да си го соблазнуваат народот, не сакаме ни ние. Тешко го плативме и сè уште го плаќаме експериментот со северната додавка.

Ова беше погубно за нас. Ние на Цариград не му забрануваме да ни се обраќа така како што е прифатливо за нив и не сме подготвени самите да се согласиме да се обезимениме, да станеме нешто што реално не сме. Грев е пред Господа да се обезличува и обезвреднува и само една личност, а камоли цел еден народ. Ние функционираме како автокефална црква, за нашите архијереи, свештеници и верници не постојат никакви канонски ограничувања.

Имаме само политички проблем, поточно отворено идентитетско прашање. За тоа не сме виновни ние. Не сакаме да влеземе во спорот на големите помесни цркви. Немаме ниту сила, ниту капацитет за такво нешто. Москва и Цариград имаат некои прашања што треба со братска љубов и разбирање да си ги решат помеѓу себе. Ние се надеваме дека што поскоро ќе дојдат до решение, на радост на сите православни христијани во светот.

Ниту Москва ниту Цариград не се кнезови на овој свет, кои седат на врвот на човештвото и владеат со народите. Тоа е туѓо на Духот Христов, Кој не дошол да Му служат. Напротив, Тој им послужил на сите и така нè подучувал. „Кој сака меѓу вас да биде прв, нека ви биде слуга“ (Мат. 20, 27). Православието е обратна пирамида. Се симнува од врвот и оди во длабочина. Такво е движењето на љубовта и смирението. Православието се грижи за најслабите и нема амбиција да ги владее и угнетува.
Нашиве, пак, наивни лобисти за туѓи интереси нека се вразумат и нека не клеветат. Не сме заборавиле дека некои од нив со клевети и манипулации кон нашиот возљубен архиепископ ги изградија своите кариери, па дури и зедоа некои новинарски награди. Ај што нема да ги вратат нечесно стекнатите награди, ама можат барем да му се извинат на архиепископот за бруталните лаги и клевети.

Извинувањето не е забрането, ниту пак зборот „извини“ е безобразен збор во Македонија. Црковните луѓе, пак, нека не се замислуваат дека знаат подобро од народот, дека се умни, проникливи и длабоки мислители и духовници. Ова е демонска замка, која ги заразува умот и срцето. Еве, убаво што некои од нив му честитаа роденден на цариградскиот патријарх, но кога му имаат честитано роденден на нашиот Поглавар? Не смеат да заборават дека токму со негов благослов и поддршка се тоа што се денес. Затоа, не е лошо да си поработат малку на личното лицемерие. Нака му бидат добри пастири на народот и нека не се однесуваат како наемници на кои не им е гајле што ќе направи волкот кога ќе се приближи до трлото.

Искрено Го молам Бога да нè поштеди од раздори, непријателства и меѓусебни обвинувања и омаловажувања, кои неминовно ќе дојдат ако се прекрстиме како „Црквата од Охрид“, или им ја препуштиме дијаспората на оние што таму немаат ниту сеено, па со тоа немаат право ниту да жнеат. Искрено жалам што дојде до поларизација меѓу Москва и Цариград по последниот Собор на Крит. Нека ги вразуми Господ нашите православни браќа и нека им даде сила да го надминат ова искушение. Нека ги чува и закрилува Господ Светата автокефална Македонска православна црква-Охридска архиепископија, македонскиот народ, нашиот почитуван архиепископ и светата македонска земја.

Митрополит Повардарски Агатангел (Станковски)

Превземено од Нова Македонија – линк до оригиналниот текст Тука