НИЕ И ЈЕНКИТЕ – СУПЕРСИЛА!

ЦЕНЗУРИРАНАТА КОЛУМНА од Билјана Ванковска

Само неколку часа откако ја напишав колумната, решив да напишам нова. Од каде таква инспирација? Едноставно, го видов настапот на Христијан Мицкоски на републиканскиот собир во САД. Сцената ме посети на стариот виц „ние и Америка – 350 милиони“ (т.е. супер сила).

За волја на вистината, мнозина на социјалните мрежи (се чини, најголем број од дијаспората) реагираа на рефренот: „мојата земја“, „мојата татковина“, „нашата земја“. Ниту еднаш не згреши да изусти Македонија, иако водителката го спомна името на „неговата земја“. Ме потсети на Заев и Ковачевски. Ама пак ако размислам подобро, тоа го прават и овие патриотиве на власт, избегнувајќи го името Македонија како да е оној страшен лик од серијалот за Хари Потер.

Нашиве божем елити имаат развиено таков Павлов рефлекс, што и да ги мачиш, тие нема да попуштат. (Се „испукаа“ со заклетвата на претседателката – и толку). Но, сите загрижени забораваат на една уште поважна работа: Мицкоски ја призна „новата геополитичка стварност“ уште пред да дојде Трамп на власт. Тој капитулираше пред Зеленски. Мицкоски се откажа од обиде да се врати името и суверенитетот, а Зеленски ќе треба да се откаже од територија и од власта.

Но, на социјалната мрежа Х, еден богат Македонец, Крис Павловски (Рамбл), заклучи дека Македонија ја чека блескава иднина со еден од најдобрите лидери во Европа. Блазе си ни! За тие што не знаат, тој е еден од олигарсите блиски до Трамп. Уште не сместена во претседателската президенција, претседателката ја прими таа одбрана група бизнисмени предводени од првите луѓе на т.н. Обединета македонска дијаспора. Уште тогаш се подготви теренот.

Не беше тешко да се погоди дека Бајден, односно Харис ќе претрпи пораз. За „трансакционалистите“ (трговците/олигарсите, де) многу поважен е бизнисот и позиционирањето што поблизу до американската плутократија. Бидејќи, да не се лажеме, Христијан Мицкоски е подобар бизнисмен отколку професор (гарантирам, бидејќи со професорска плата не се станува богаташ). Настапот на Мицкоски (измеќарот?) требаше на американската публика да ѝ го претстави храбриот лик од вториот ред во Минхен, кој бил меѓу ретките коишто му аплаудирале на потпретседателот на САД. Можеби измеќар, ама Мицкоски веќе покажа дека го сменил газдата и дека не му е грижа што ќе му се налутат некои европски лидери. А вистина е, се сложувале со Венс (и Трамп) или не, дека сите почувствувавме сатисфакција што некој конечно ги симна на земја овие арогантни ликови со дигнат нос.

Така е кога си жртва на „семејно/европско“ насилство, те понижувале безброј пати, а ти си молчел и голтал. Се разбира, овде се прикри една „мала ситница“: и САД беа дел на семејството што нè сведе на територија. Притоа, Мицкоски ја искористи можноста да каже колку се сложува со сета политичка филозофија на Трамп, па се пофали како Македонија се борела против истото „зло“ (миграцијата) на нашите граници; гради в гради со невооружени воени бегалци кои ги напуштиле домовите уништени од американските бомби (но и тоа е „ситница“).

Веројатно до мене е проблемот: утробата ми се превртува кога некој ќе почне да оправдува геноцид или ривиера (во Газа) или кога шири ксенофобија, а луѓе во неволја нарекува опасни, нелегални, криминални, ментално болни, терористи и сл. Гледав видео (Америве сами се снимаат исто како Израелците кога вршеа злодела во Газа) на депортација во синџири на луѓе кои властите ги уловиле. Знаете, таму е сезона на лов (покрај она штедење), па некогаш настрадуваат и американски граѓани кога имаат погрешна боја на кожа. Мицко кажа дека ние решително ќе застанеме рамо до рамо со нашите сојузници во секоја битка. Пред очи ми излегоа нашите деца бегалци од Грција и срцето ми се скрши.

Што се однесува до зголемување воениот буџет, нашиот богаташ, онака галантно, се сложи дека „бедните“ 2 отсто од бруто домашниот производ што веќе ги издвојуваме се малку. Мораме да се жртвуваме и да ја зајакнеме воената индустрија на САД. Тие 2 отсто за него биле само минимумот, а не максимумот што сојузниците треба да го даваат за воени цели. Подготви се народе, иако зборуваат за завршување на војната во Украина, ќе следуваат нови закани, па затоа ќе трпиме распаднати болници, училници, па и државни установи – но за НАТО ќе има пари.

Нашиот стратег има визија и големи амбиции. „Неговата земја“ ќе била од голема помош САД да станат голема конкуренција на Русија и Кина. Барем вака неговиот говор го сумира Воис оф Америка на македонски јазик: „ Мицкоски од Вашингтон: САД преку нашата земја можат да станат директна конкуренција на Русија и Кина“. Вистинскиот цитат од говорот гласи: „… ние сме под силен финансиски притисок што доаѓа од таа земја (Кина), но единствената загатка што им недостига во нивниот економски мозаик е токму мојата земја.

Зошто мојата земја,бидејќи е природен пресек на два многу важни паневропски коридори, коридорот осум и коридорот 10. Коридорот 10 ја поврзува Јужна Европа, практично Грција и пристаништата од Грција со Централна и Западна Европа, а коридорот 8, вториот најважен коридор за НАТО, го поврзува Црното со Јадранското Море. Практично, двата коридора се вкрстуваат на територијата на мојата татковина. И, единствената загатка што му недостасува на овој азиски џин е територијата на мојата земја.“ Не остана должен ни на другата голема сила, Русија: „ Така, американскиот гас преку овој гасовод, кој ќе минува преку мојата земја, ќе биде супер голема конкуренција на рускиот гас кон централна Европа и кон Западна Европа.“

Разбирам што е поданички дух и вазалски однос. Но, каде му е регионалната визија? Коридорите постојат за поврзување на земјите за кои тврди дека ни се пријатели (Грција, Србија, Унгарија)? Што мисли како сега ќе го гледаат, не од Москва и Пекинг, туку од Атина, Белград и Будимпешта? Што се однесува до Москва и Пекинг, навистина е неразбирливо зошто трча како прле пред магаре, зошто непријатели од земји на кои дури и Трамп им подава рака и игра геополитичка партија шах? Сака да биде поголем католик од Папата? И каков е тој финансиски притисок што ни го прави Кина, азискиот џин?

Трговскиот дефицит е факт, ама не е вината на кинеска страна. Ние не произведуваме ама буквално ништо вредно што можеме да го пласираме на тој Или друг) пазар и да оствариме приход. Немојте да се вадите со „должничко ропство“ и „кинески кредити“, затоа што „Бехтел и Енка“ веќе ги има задолжено и вашите праправнуци. Ако мислите, па добро е ова, на победничката страна сме, Американците ќе нè чуваат, сетете се: Трамп ѝ се закани на Европа дека ќе си ги спакува куферите и ќе замине (а ние во Европа ли живееме или ќе нè анектираат како Гренланд?).

Ова е истиот Трамп кој во првиот мандат кажа дека не му паѓа напамет да почнува светска војна за да брани земја како Црна Гора. Впрочем, кога Мицко кукаше дека Европа имала двојни стандарди и ни се мешала во внатрешните работи, да не го заборави Метју Нимиц и Преспанскиот договор благословен од РАНД корпорацијата во време на мандатот на Трамп? Точно е, цела Европа е во хаос. Но, нели таа беше нашата цел? Нели се паѓаше во патос за „недовршената европска симфонија“? Мицкоски кој пелтечеше пред Меркел и се фалеше дека бил и германски „ученик“, дигна раце не само од Германија, туку и од Европа.

Речиси во исто време Џефри Сакс зборуваше во Европскиот парламент: „Подадете си рака со Русија. Морате да ги нормализирате односите, да се вратите кон дипломатија, да соработувате. Не дозволувајте на чело на сите клучни позиции (мислеше на НАТО, но и на финансиските институции) да седат Американци. Вратете си ја сопствената политика и интереси.“ Ах, да! Потсети и на изреката на Кисинџер дека да си непријател на САД е опасно, но да си пријател е фатално. Но, нашиот Мицкоски е во фатална врска и љубов, па отворено ја мами Европа. Германскиот аналитичар Душан Рељиќ уште во ноември 2024 година, во коментарот „Трамп и Балканот“ укажа дека „локалните авторитарни лидери ја купуваат наклонетоста на западниот хегемон продавајќи го националното богатство на членовите на семејството на Трамп“ (па ги споменува сите од Вучиќ и Додик, до Рама и Мицкоски). Зетот на Трамп, Кушнер (истиот оној кому прво му паднала идејата за ривиерата во Газа што мојот пријател Јан Оберг ја нарече Лас Вегаза) веќе имал намеркано зделки.

Во Србија наводно ќе го претвора комплексот на Генералштабот во Белград во хотелски комплекс. Албанија на својот морскиот брег ќе добие огромни марини и рисорти. Кај нас првата инвестиција е онаа на Павловски. Штета што овие инвестиции не носат ништо за локалната популација. Балканот дефинитивно нема да има значајно место во глобалната стратегија на Трамп (како што беше и во првиот мандат, иако Македонија настрада и ја плати највисоката цена токму тогаш). Но, топлите односи со бизнис империјата на Трамп може ќе остави некоја трошка од трпезата за локалните вождови и нивното лично богатење. Балканот останува тешка провинција со вазалски статус и заробен ум.

By continuing to use the site, you agree to the use of cookies. more information

The cookie settings on this website are set to "allow cookies" to give you the best browsing experience possible. If you continue to use this website without changing your cookie settings or you click "Accept" below then you are consenting to this.

Close