Изземањето на македонската историја како и намалувањето односно бришењето на содржини од македонската национална литература, станаа секојдневни појави во новите учебници по историја и македонскиот јазик.
Најновите измени во наставната програма по предметот “Историја и општество “ за 6 то одделение иницирани од Министерството за Образование и наука , само ја потврдува тезата за постепено исчезнување на тематики поврзани со историјата на Македонија и нејзина замена со содржини стокмени по туѓи интереси.
Наместо предметот “Историја и Општество “ да биде целосно посветен на историјата на македонскиот народ и Македонија , тој е поделен во три делови каде ќе се изучува и Географија и Граѓанско Образование.
Сличен третман се применува и во наставата по македонски јазик и литература , каде задолжителни лектири се отстрануваат од наставната програма. Последен случај е остранувањето на романите “Црно Семе” од Ташко Георгиевски и “Црнила” од Коле Чашуле.
Зошто тоа ни се случува и под чиј диктат гасне македонизмот од учебниците е прашање на кое треба да одговори дотичното Министерство. Секако во тој контекст, не можеме а да не се споменат катастрофалните последици од склучените договори со соседите, наспроти волјата на македонскиот народ.
Имајќи ја предвид нашата професионална вокација за учењето и наставата по македонски јазик , литература и историја во светот, секое намалување и бришење на содржини од наставната програма само ќе го отежнат нашиот трнлив пат во реализирањето на нашата благородна просветна дејност.
Упатуваме апел за прекин на предложените промени и драстично зголемување на часовите по македонски јазик и историја. “Јазикот е наша татковина “ “ Историјата е мајка на знаењето”
Од “Здружението на наставници по македонски јазик во светот”
14 јули 2023